Новиот министер за здравство додаде дека со работата во Министерството ќе продолжи онаму каде што застанале неговите претходници и оти ќе направи сè што е во негова моќ за здравствениот систем да биде што помалку ранлив, а што повеќе издржлив за предизвиците со кои се соочуваме или за оние со кои допрва би се соочиле
Денеска Беким Сали од редовите на Алтернатива официјално ја презеде функцијата министер за здравство откако поранешниот министер на оваа функција, Венко Филипче, му ја додели на денешното примопредавање.
Сали истакна оти е длабоко свесен за огромната одговорност што ќе ја има како министер на овој ресор, а особено во период на здравствената криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.
„Предизвици во здравството постоеле отсекогаш и јас, како министер, ветувам дека силно ќе се посветам на заложбите да го пополнуваме јазот меѓу здравството какво што е и здравството какво што сакаме да биде“,
рече новиот министер за здравство Беким Сали.
Новиот министер за здравство додаде дека со работата во Министерството ќе продолжи онаму каде што застанале неговите претходници и оти ќе направи сè што е во негова моќ за здравствениот систем да биде што помалку ранлив, а што повеќе издржлив за предизвиците со кои се соочуваме или за оние со кои допрва би се соочиле.
„Приоритети во мојата работа како министер ќе бидат, пред сè, превенцијата и еднаквиот пристап до квалитетни здравствени услуги, зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите во здравствениот систем и доброто раководење со нив, како и координацијата и конзистентноста во унапредувањето и спроведувањето на политиките на работа. Освен тоа бескомпромисно ќе се залагам за подобрување на статусот и условите во коишто функционираат здравствените работници и медицинскиот персонал“,
истакна министерот за здравство Беким Сали.
Во своето излагање тој додаде дека соработката и координацијата на сите нивоа и со сите чинители е клучна, „за да можеме да си помогнеме себеси и на граѓаните“, за кои истакна дека се најдиректно засегнати од она што се случува во здравството.
Ексминистерот за здравство Венко Филипче денеска преку видеопорака се збогуваше од министерската позиција и истакна задоволство што во изминатите четири години имал можност да им служи на граѓаните, со кои, како што посочи, поминале многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Тој им се заблагодари и на своите колеги, здравствените работници.
