По четири години министерски стаж, од кој половина помина во знак на справување со ковид-кризата, истакнатиот неврохирург ѝ се враќа на професијата откако неговото место го презеде стоматологот Беким Сали од Алтернатива
Досегашниот министер за здравство Венко Филипче, во денешното видеообраќање, истакнува дека му било чест и задоволство во изминатите четири години да им служи на граѓаните, со кои, како што посочува, поминале многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Тој им се заблагодарува на своите колеги здравствените работници.
„Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму“,
вели Филипче.
Потенцира дека, и покрај сите предизвици со глобалната ковид-криза, успеале да направат темелни промени во здравството и да реализираат инвестиции на кои, како што посочува, е навистина горд.
„Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40 отсто, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од кога било во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, девет компјутерски томографи и седум магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство“,
набројува досегашниот министер за здравство.
Филипче првпат беше избран за министер за здравство во декември 2017 година, во првата влада на Зоран Заев, кога дојде на местото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. На крајот на август 2020 година повторно беше избран на функцијата, која ја извршуваше до синоќа, кога беше избрана новата влада на Димитар Ковачевски, во која министерската функција во здравство ја презеде Баким Сали од Алтернатива. Во меѓувреме, Филипче беше избран и за потпретседател на СДСМ, позиција на која беше само неколку месеци – до неодамнешниот избор на нов претседател и ново раководство на партијата.
Викендов, додека во Собранието течеше седницата за избор на новата влада, Филипче објави дека учествувал во операција на млада пациентка која имала проблеми со одењето и дека операцијата завршила успешно.
Претходно, тој објави дека се враќа на Клиниката за неврохирургија и дека засега ќе паузира од политиката.