Новиот премиер во изјавата по средбата рече дека очекува добра соработка со претседателот Пендаровски, а најави и комуникација со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за понатамошни решенија во сите области
Премиерот и министрите од новата влада денеска беа на средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, по што направија и заедничка фотографија пред вилата „Водно“.

„Кај претседателот на државата ги претставив министрите во новата влада кои од денеска се на функција. Го информирав претседателот дека успешно заврши процесот од доделување на мандатот и се надевам на добра соработка со претседателот во интерес на граѓаните и на државата“,
рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата.
За ова тој потенцира дека ќе биде потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење и, што како што рече, ова го бара од сите што прифатиле да се дел од тимот.
„Новата влада јасно ги дефинира принципите, а тоа се подобар животен стандард на граѓаните и европска и просперитетна иднина на државата. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлики ги барам од сите што прифатија да бидат дел од тимот кој заеднички ќе се стреми низ независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните“,
рече Ковачевски во изјавата.
Тој ги повтори неколкуте приоритети што се содржани и во програмата: справување со енергетската криза, задржување и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите за справување со последиците од кризата, исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти и евроинтеграциите.
„Од денеска секоја минута од нашето време ќе им ја посветиме на клучните прашања за граѓаните и на економскиот развој на земјата и подобрување на стандардот’,
рече Ковачевски.
Тој исто така спомена дека за негова задача и одговорност си ја поставил комуникацијата и соработката со сите сегменти од општеството, граѓанските здруженија и опозицијата.
На новинарско прашање за соработката со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече:
„Ќе воспоставам комуникација со Мицкоски за понатамошни решенија во сите овие области“,
рече Ковачевски.