Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски, во своето воведно обраќање пред пратениците во Собранието порача дека новата влада има јасен и остварлив план за соочување со економската и енергетската криза и надминување на негативните последици.
„Главен предизвик во економијата останува соочувањето со ефектите од пандемијата и енергетската криза. Уште на почетокот на мандатот Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последиците од енергетската криза. Ова ќе биде направено со цел ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови“,
порача Ковачевски.
Тој се осврна и на мерките што новата влада ќе ги преземе во делот на енергетиката со цел да се зголеми производството од домашните капацитети за да се намали потребата од увоз на скапа електрична енергија.
„Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција“,
рече Ковачевски.
Тој најави дека зголемување на пензиите ќе биде една од првите одлуки на новата влада велејќи дека „одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми“.
Ковачевски заврши со порака дека нема да ги дели луѓето на ваши и наши.
„Не знам, не сакам и нема да ги делам луѓето, граѓаните, министрите на ваши или наши. Граѓаните се уморни и преку глава им е од поделби и постојани надмудрувања. Доста им е од дневна политика и борба на партиски соопштенија. Планирам единствено да ги разликувам луѓето на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. Секогаш за првите ќе има место и ќе има поддршка, за вторите во владата и во инститециите нема и ќе нема место“,
порача тој.