Во врска со неговите потези во иднина, Димитров вели дека нема да молчи, бидејќи ако го сакал тоа, ќе ја избрал понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Порача и дека е рано да се каже дали ќе формира политичка партија
Не сум бил никогаш член на политичка партија, притоа, не секогаш слушав туку често и се борев и ми врвеше гласот и дома, бидејќи бев на избори, тоа посебно ме охрабри. Некои битки ги добивав, некои ги губев. Нашата суштинска битка е ако не зборуваме малку појасно и не ги употребуваме вистинските зборови за нашите маки и проблеми и сме лојални на партијата без разлика што прави таа, тогаш тоа никаде нема да не однесе, изјави вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров, во своето гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат.
Димитров истакна дека одговорноста на оваа Влада била поголема од онаа на Груевски, а иако смета дека промени има, сепак, вели, не е направено доволно.
„Доста работи се направија, меѓутоа далеку од тоа што сакаме и каква сакаме да си ја видиме татковината. Во таа смисла, нашата одговорност е многу поголема од одговорноста на Груевски. Ние ја наследивме таа позиција, Европската комисија тоа го нарече заробена држава – премногу влијание на еден човек во сите сектори, во вработувања, во тоа кој ќе носи кривична одговорност, кој нема и така натаму. Мислам дека резот не го направивме целосно и – со компромис, тука грешка, таму грешка, па добар потег, приказната е шарена. Нам ни треба глас, отворање на тој непријатен разговор – зошто бре луѓе не може директорите на јавните компании и клинички центри да бидат независни, дури и малите партии го прават тоа. Млади луѓе не аплицираат на работни места, бидејќи се плашат дека однапред се знае кој ќе ги добие“,
истакна Димитров.
Во врска со неговите потези во иднина и за тоа како понатаму ќе дејствува, Димитров рече дека нема да молчи, бидејќи ако го сакал тоа, ќе ја избрал понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Порача и дека е рано да се каже дали ќе формира политичка партија.
„Прво, преку јавни настапи, но и со конкретни иницијативи. Мислам дека е рано да зборуваме за политичка партија, само можам да кажам дека ќе бидам културен, но и исклучително непријатен на овие теми, време е дома искрено да разговараме за нашите проблеми, каде сме денеска и каде сакаме да одиме. Ќе зборувам помалку за актуелните играчи и состојби, а повеќе за модели како да го подобриме животот и вербата на луѓето“,
порача Димитров.