Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и на финансиска поддршка на граѓаните, велат од партијата на Ковачевски
Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните, соопштуваат од СДСМ како реакција на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека би ја прифатиле поканата за средба со мандатарот на новата Влада, Димитар Ковачевски само доколку би преговарале за одржување на предвремени парламентарни избори.
„Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и на финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми. Избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија“,
соопштуваат од СДСМ.
Покана за средба на лидерите од двете партии сè уште не е пристигната до ВМРО-ДПМНЕ, соопшти денеска пратеникот на оваа партија Антонио Милошоски.
Ковачевски најави дека ќе го повика Мицкоски откако ќе биде избрана Владата.
Како што додаваат од СДСМ, предвремени парламентарни избори не се во план, бидејќи како што велат, новата влада предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај, односно до 2024 година.