Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е поранешен шеф на дипломатијата, ги коментира позициите од вчерашната прес-конференција на вицепремиерот за европски прашања во заминување
Тоа што го спомена вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека тој однапред знаел за подготовката на ваков можен следен штетен договор, но додека бил функционер во Владата молчел, оцени денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, поранешен шеф на дипломатијата.
„Тоа што го спомена Димитров, дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека тој однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен договор со Бугарија, но додека бил функционер во Владата молчел. Откако видел дека нема да биде член на Владата, се решил да прозбори, што е неморално. Во секој случај, ризикот од ваквиот договор не се намалува и затоа треба да бидеме сериозни и внимателни“,
изјави Милошоски.
Според него, вчерашните изјави на Димитров и јавно изнесената недоверба кон неговиот доскорашен колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи, покажуваат дека и Димитров и Османи се само „лице и опачина“ на една иста паричка која во Владата претставува интерес за нејзино опстанување, односно зачувување на личната кариера“.
„Нашето мислење е дека и Димитров и Османи се истите ликови кои од 2018 година до денес најавуваат датуми за членство во ЕУ секое полугодие, заедно се сликаа и во владиниот авион и сметаме дека е време заедно ја проверат својата доверба или недоверба на граѓаните кон нив и да си дадат оставка како чин на одговорност за нивните неуспешни политики“,
оцени Милошоски.