Ирена Стефоска се согласува дека честата промена на министрите за култура (четворица од 2017 досега) укажува на неконзистентност во политиките на најголемата партија во оваа сфера
Министерката за култура во заминување Ирена Стефоска, поранешна пратеничка од листата на СДСМ и редовна професорка на Институтот за национална историја, вели дека, во изминатата една и пол година, колку што е на функцијата, таа и нејзиниот тим успеале да ја поместат културата „од минус сто на некоја нула“ во фокусот на владините политики.
Во денешното гостување во „Утрински брифинг“, коментирајќи за причините за нејзината смена од министерската позиција, таа вели дека право на мандатарот е да соостави кабинет, ама дека не е прашана за причините за нејзиното заминување.
„Право на секој мандатар е да си состави кабинет. Никој не ме прашал за конкретните причини да заминам, што е сработено, Јас си подготвив извештај за отчетност што ќе стои во архивата на Владата, на Собранието. Поразговаравме со мандатарот., му ги изложив причините ’про’ и ’контра’ и зошто е толку важна културата. Работев со целото знаење и страст и не жалам за ништо. Му кажав на мандатарот – ’мојот телефон е отворен повелете што ви треба ќе се консултираме и ќе помогнам’“,
вели Стефоска.
Рече дека на чело на Министерството за култура дошла на покана на СДСМ, иако не е член на партијата.
„Јас бев министер на покана на СДСМ. Не сум член на партијата, ама ја прифатив оваа функција, поточно довербата која ми беше дадена, одговорно и професионално . Мислам дека во година и пол успеавме, со мојот кабинет, со вработените во Министерството, со институциите да ја поместиме културата од минус сто во фокусот на владините политики можеби на нула. На новата министерка е да ги продолжи сите отворени процеси, културата мора да си го заземе местото што и припаѓа. Културата не е само одење во театар или на концерт, културата е начин на живот и систем на вредности“,
рече Стефоска.
На собраниската седница за време на викендот за нејзина наследничка треба да биде избрана досегашната пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска, новата потпретседателка на СДСМ. Таа ќе биде петти министер за култура од 2017 година досега, односно по доаѓањето на СДСМ на власт. Пред Стефоска таа функција ја извршуваа Роберт Алаѓозовски (СДСМ), Асаф Адеми (Алтернатива) и Хусни Исмаили (Алтернатива).
„Се согласувам со вашиот впечаток дека тоа упатува на неконзистентност во политиките и ставање на културата настрана. Тоа покажува неконзистентност во политиките на најголемата партија во однос на културата и образованието, што не е веќе впечаток, туку факт“,
рече Стефоска во гостувањето на „Утрински брифинг“, одговарајќи на забелешките на водителот дека во владите на СДСМ, ресорите култура и образование како да се „попатни“, а честата промена на министри како да укажува на неконзистентност во политиките во овие сфери.