Димитров лично бил дел од градењето на истите тие позиции. Дали господинот Димитров е против овие изградени држави позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот, вели мандатарот по прес-конференцијата на вицепремиерот Димитров
Не е точно дека Никола Димитров не е дел од новата влада поради неговите позиции со Бугарија, вели за „Фокус“ мандатарот Димитар Ковачевски. Тој смета дека станува збор за лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата.
„Мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата. Тоа што го кажува воопшто не е точно. Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии. Димитров лично бил дел од градењето на истите тие позиции. Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени држави позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загрозени со заминувањето на Димитров“,
вели Ковачевски за „Фокус“.
Димитров на денешната прес-конференција, последна на функцијата вицепремиер за европски прашања, изјави дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
Тој, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на преговорите, како и тоа дека новиот мандатар не може да ја оценува неговата работа бидејќи, како што рече, тој нема некое искуство и знаење од надворешната политика.