После Скопје, Битола е град со најмногу активни случаи од ковид-19, додека на трето место е Прилеп. Градоначалникот Коњановски апелира граѓаните да се воздржат од празничните дружби за состојбата да не ескалира
Расте бројот на заболени од ковид-19 во Битола. Со денешните 226 новорегистрирани случаи, официјалната бројка на активно болни од коронавирусот во моментов изнесува 1 101 од вкупно 10 343 открини случаи во градот од почетокот на пандемијата.
Со ова, градот под Пелистер предничи пред сите останати градови од внатрешноста по бројот на активни случаи.
Пред Битола е само Скопје каде 7 278 лица се водат како активно болни од ковид-19. На трето место по бројот на заболени е Прилеп со 655 активни случаи од кои 122 беа регистрирани денеска.
Троцифрен број на заболени има и во Охрид – 443, Кавадарци – 345, Куманово – 311, Струмица – 212, Гевгелија – 196, Велес – 191, Штип- 188, Тетово – 135, Гостивар – 128, Кичево – 115, Ресен – 108 и Кочани каде има 107 активни случаи.
Коњановски: Да се намали со празничните дружби
Дека состојбата со ковид-19 во Битола ескалира, аламираше вчера и градоначалникот Тони Коњановски.
Коњановски кој по професија е епидемиолог предупреди дека од стотина случаи неделно кои што се регистрираа во градот пред божиќните празници, сега оваа бројка е зголемена на над шесто случаи неделно.
Градоначалникот растот на бројот на заболени го поврза со празничните дружби и групирања во градот, па апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, за да не дојде до преоптоварување на болничките капацитети. Засега, рече дека бројот на хоспитализирани не е голем, но дека има навалица од пациенти во ковид-амбулантата.
„Имаме ескалација на бројот на заболени. Бројот од стотина нови случаи на неделно ниво, после новогодишните празници и после сите оние дружења во градот, се зголемува на 600 неделно. Бројот на хоспитализирани е стабилен, 17 хоспитализирани, но има многу прегледи во ковид-амбулантата. Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, да намалиме колку што е можно со дружењето во овие празници кои сè уште ни претстојат. Оние што не се вакцинирани да поитаат да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствена превентивна мерка“,
порача Коњановски.
На прашањето дали се опција рестриктивни мерки за стопирање на ширењето на вирусот, Коњановски рече дека за тоа прашање ќе заседава Комисијата за заразни болести.
Засега пак, од аспект на нови мерки, има најава само за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на ковид кои се асимптоматски случаи. Комисијата за заразни болести денеска ја одложи одлуката и најави дека за овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следува во наредните денови.
Комисијата донесе одлука и непосредно пред почетокот на второто полугодие, да ја разгледува можноста за евентуална промена на неговиот почеток.