Како што посочуваат од ССМ, доколку се избере таков човек на чело на Министерството за труд и социјална политика, синдикатите ќе знаат дека оваа влада и сите нови влади што ќе следуваат им мислат добро на работниците
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побара од мандатарот на новата влада, Димитар Ковачевски, новиот министер на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), наместо од редовите на работодавачите како досега, да биде од редовите на работниците, кој, како што велат од ССМ, би знаел да ги реши проблемите на работниците и би знаел како се води социјален дијалог.
„Сојузот на синдикатите на Македонија најодговорно тврди дека ресорот труд и социјала треба да го води човек кој знае како да ги реши проблемите на работниците – важна е компетенцијата, а исто така важно е да ги познава процесите кои се водат за донесување нов закон за работните односи, нов закон за безбедност и здравје при работа, нов закон за мобинг и сл., за да не се случи овие процеси кои се водат веќе и по три години да започнат одново и да траат премногу долго, а на штета на работниците“,
велат од ССМ.
Како што посочуваат од ССМ, доколку се избере таков човек на чело на Министерството за труд и социјална политика, синдикатите ќе знаат дека оваа влада и сите нови влади што ќе следуваат им мислат добро на работниците.
„Потсетуваме дека во изминатиот период работодавачите имаа министер во владите од своите редови преку коморите, па редно време е работниците да добијат министер синдикалец од нивните редови“,
потенцираат од ССМ.