Денеска американското Министерство за финансии објави проширени санкции кои го опфаќаат и српскиот претставник на тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина, Милорад Додик
Северна Македонија покажа силна одлучност и отвореност за соработка со меѓународните партнери во сузбивањето на корупцијата и криминалот. Во тој контекст, даваме поддршка на нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави за чекорите кои ги презема за борба против корупцијата и добро владеење во Западен Балкан, објави на својот фејсбук профил, вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, откако денеска американското Министерство за финансии објави проширени санкции кои го опфаќаат и српскиот претставник на тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
Санкции за дела поврзани со корупција се воведени и против Алтернативна телевизија од Бања Лука која е поврзана со семејствотот на Додик.
„Одлучните антикорупциски чекори се охрабрување за земјите од регионот да ги продолжат реформите и бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот. Ние, земјите од Западен Балкан, имаме една заедничка цел, а тоа е преку спроведување на неопходни реформи и комплетно прифаќање на демократските вредности и владеењето на правото, да бидеме дел од европското семејство“,
напиша Николовски.