НСДП не е подготвена да „трампа“ пратеничко за министерско место во труд и социјала, а и министерското име во култура зависи од тоа од која партија е следната кандидатка од листата на коалицијата на СДСМ во петтата ИЕ
Најголема непознатица се уште е идниот министер за правда од редовите на СДСМ, како еден од најчувствителните ресори при очекуваниот почеток на преговори со ЕУ, а по најавите дека Маричиќ заминува за вицепремиер за европски прашања
Речиси една седмица откако претседателот Стево Пендаровски му го даде мандатот за формирање влада на новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, поизвесно е каде ќе се одржи седницата за избор на новиот кабинет отколку кои ќе бидат идните министри од редовите на најголемата владејачка партија.
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, најави дека за изборот на новата влада ќе се расправа и гласа во старата пленарна сала, која сега е целосно дигитализирана. Ковачевски, пак, иако најавува дека во почетокот на следната недела ќе биде познат составот на неговиот кабинет, засега, се чини, извесно само останувањето во владата на вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи, и на Бојан Маричиќ, за кого се планира ротација од правда на вицепремиерската позиција за европски прашања.
Не се исклучува и Благој Бочварски да ја задржи позицијата во транспорт и врски. Од друга страна, прашање е се уште дали преминувањето на Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања ќе значи заминување на Никола Димитров од Владата или во краен случај е можна и негова ротација на друга министерска функција.
Всушност, најголема непознатица се уште е идниот министер за правда од редовите на СДСМ, како еден од најчувствителните ресори при очекуваниот почеток на преговори со ЕУ, а по најавите дека Маричиќ заминува за вицепремиер.
Министерката за одбрана во заминување Радмила Шекеринска изјави денеска дека одлука на мандатарот е кому ќе му даде доверба да биде идниот министер за одбрана.
„Тоа е задача на мандатарот. Јас ги пренесов моите размислувања дека се работи за навистина чувствителен сектор, во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку важат и НАТО-правилата на одговорност“,
изјави Шеќеринска.
Се очекува ново министерско име во труд и социјална политика, но, според последните информации, малку веројатно е министерка да стане долгогодишната пратеничка на НСДП, Соња Мираковска. Според наши информации, СДСМ инсистира ова министерство да продолжи да го води жена, а НСДП е подготвена да понуди свој кадар за позицијата, ама само ако тоа не значи губење на едно пратеничко место. Во таков случај, пак, прашање е дали социјалдемократите би биле подготвени да отстапат од МТСП и да останат со уште еден ресор помалку.
НСДП во овој собраниски состав има двајца пратеници, така што евентуалното повлекување на Мираковска би значело пратеничко место плус за СДСМ од четвртата изборна единица, за сметка на коалициските партнери.
Слична е ситуацијата и со Министерството за култура, за каде што како можна нова министерка се споменува пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, која неодамна беше избрана за потпретседателка на СДСМ. Но, оваа комбинација, според информациите, би се реализирала само доколку следната кандидатка за пратеничка од петтата изборна единица е од редовите на СДСМ, што се уште е неизвесно затоа што некој од наредните кандидати од оваа листа требало да заземе друга функција во извршната власт.
Како можно ново министерско име во култура се спомнува и Љубица Јанчева од Институтот за национална историја, која до скоро претседаваше, а сега е членка на Советот на Град Скопје.
Уште една пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, се спомнува како можна министерка, но неизвесно е во кој ресор.
Се уште се отворени и прашањата дали во Владата остануваат досегашниот вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Кон крајот на декември, Спасовски изјави дека по Нова година ќе каже дали ќе остане во Владата, откако се повлече од потпретседателското место во СДСМ. Истиот ден, и Николовски се повлече од генерален секретар на СДСМ, но тоа се уште не значи и негово заминување од Владата, иако е прашање дали би останал на истата позиција или би ротирал во некој ресор.
Во Министерството за земјоделство, што Николовски го предводеше во претходната влада на Зоран Заев, а сега се враќа кај СДСМ (по излегувањето на Беса од коалицијата) се најавува дека во министер ќе биде унапреден досегашниот заменик-министер во овој ресор Трајан Димковски.
Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, која се споменуваше како можна нова вицепремиерка за спречување корупција, изјави денеска дека останува директорка на УЈП.
„За се она што во наредниот период ќе значи доекипирање на владиниот кабинет секако дека ќе биде информирана јавноста и тоа ќе се носи како одлука на ниво на раководство на партијата“,
изјави Лукаревска.
Ковачевски, во изјава за Канал 5, вели дека в понеделник или најдоцна во вторник ќе биде познат новиот владин состав и ќе биде испратен во Собранието на гласање.
,,Нема да зборувам за имиња во овој момент, додека траат консултациите. Она што секогаш го истакнувам е принципот по кој ќе се раководам при избор на министрите, но и соработниците во целост. Тоа ќе бидат луѓе со докажан личен капацитет и знаење да одговорат на задачите и да го подигнат нивото на работа и ефикасност на владиниот тим“,
вели Ковачевски.
Откако мандатарот ќе ги достави до парламентот предлозите за нови министри и програмата за работа, седницата за избор на владата треба да се одржи во рок од 15 дена, иако може да се реализира и порано.