Падот на глобалниот воздушен сообраќај поради пандемијата со коронавирусот продолжи и во годинава што изминува. Тоа резултираше со речиси двојно помал број жртви во авионски несреќи, покажуваат податоците на истражувачкиот центар за несреќи ЈАЦДЕС.
„Достапните податоци покажуваат 168 смртни случаи во 2021 година, речиси двојно помалку од бројот во 2020 година и 505 под 25-годишниот просек“,
изјави Јан Арвед Рихтер од Центарот за евалуација на податоци за авионски несреќи во Хамбург (JACDEC).
Според анализата, 30 комерцијални авиони биле уништени или трајно оштетени во авионски несреќи низ светот. Истражувачите изброиле вкупно 671 несреќа и инциденти, главно со помали авиони со пропелер или кои се случиле на товарни, пробни и специјални летови. Само во САД се регистрирани четири големи несреќи, но без човечки жртви.
ЈАЦДЕС ја наведува како најтешка несреќата на Боинг 737-500 над Индонезија во која загинаа 62 лица на 9 јануари. Причината за несреќата сè уште се истражува.
Според Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), компаниите превезоа 2,3 милијарди патници оваа година, а се проценува дека ќе загубат до 51,8 милијарди долари приход поради падот на воздушниот сообраќај за време на пандемијата.
ИАТА проценува дека следната година превозниците би требало да превезат 3,4 милијарди патници, што е речиси на нивото од 2014 година. Непосредно пред пандемијата бројот на патници во воздушниот сообраќај достигна 4,5 милијарди.