Десетина лица се повредени во немири во Украина, откако демонстранти нападнаа конвој со автобуси во кои се превезувале украински државјани евакуирани од кинескиот град Вухан – жариштето на коронавирусот.
Евакуираните граѓани требало да бидат сместени во двонеделен карантин во блискиот санаториум во градот Нови Санжари. Демонстрантите го нападнале конвојот со автобуси со метални шипки и камења, кршеле стакла и палеле автомобилски гуми, а еден се обидел и со автомобил да влета во полицискиот кордон. Во судирите се повредени девет полицајци и еден демонстрант.

Претседателот Володимир Зеленски ги повика демонстрантите да покажат емпатија. Службата за безбедност на Украина, пак, соопшти дека револтот во јавноста го засилил лажен мејл испратен во име на Министерството за здравство, во кој се предупредувало дека евакуираните граѓани се заразени со коронавирусот. Украинските власти најавија истрага за лажните вести, но и санкции за демонстрантите.
За да покаже солидарност со евакуираните, украинскaта министерка за здравство Зорјана Скалетска рече дека ќе им се придружи на евакуираните граѓани во карантинот и ќе го води своето министерство преку Скајп.
„Се надевам дека моето присуство таму ќе ги смири граѓаните“,
напиша таа на Фејсбук
Украина досега нема регистрирано заболени од коронавирусот, а евакуација на свои граѓани од Кина започнаа повеќе земји во светот со цел да го спречат ширењето на епидемијата.