Во барањето за кривично постапување од ЗНМ се аргументира фактот дека ваквите коментари претставуваат кривично дело, но и дополнително се укажува дека преку евентуалната неказнивост на истите се отвора простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите што може да резултира и со насилство
Условна казна затвор од една година доби лице кое преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ширело говор на омраза на страната на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Од ЗНМ информираат дека според пресудата од Основниот кривичен суд, лицето е виновно по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврдува казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело.
Тој, на фејсбук-страната на ЗНМ, напишал вулгарен коментар со омраза во која повикува на линч и затворски казни за новинарите.
„ЗНМ за овој коментар на 16.8.2021 година поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат па компјутерски систем и за предизвикување на омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Во барањето за кривично постапување од ЗНМ, се аргументира дека ваквите коментари претставуваат кривично дело, но и дополнително се укажува дека преку евентуалната неказнивост на истите, се отвора простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите што може да резултира и со насилство“,
велат од ЗНМ.