Индиското министерство за внатрешни работи објави дека не ја обновило регистрацијата на хуманитарната организација поради добиени „негативни информации“.
Националистички кругови меѓу Хиндусите подолг период ја обвинуваат добротворната организација дека ги користи нејзините програми за конвертирање на индиските граѓани во христијани. Организација ги отфрли овие наводи, истовремено потврдувајќи дека нејзината апликација за обновување е одбиена и дека нема да работи со никакви сметки за странско финансирање се додека не се реши проблемот.

Добротворната организација со седиште во Калкута е едно од најпозантите римокатолички здруженија од овој вид и е основана во 1950 година од Мајка Тереза. За својата хумантарна работа и помош на сиромашните Мајка Тереза, инаку родум од Скопје, беше наградена со Нобеловата награда за мир во 1979 година, а папата Франциск ја прогласи за светица во 2016 година.
Поголем број меѓународни организации кои функционираат во Индија се соочуваат со истиот проблем. Минатата година беа замрзнати сметките на Гринпис и на Амнести Интернешнл.