Денеска, и Комисијата за финансирање на политичките партии во Собранието на Словенија отвори расправа по информациите на порталот Нецензурирано за наводно унгарско финансирање на партијата на Јанез Јанша
СДСМ упати денеска повик до јавното обвинителство да ги испита наводите дека сомнителни пари од Унгарија завршиле во неколку медиуми во земјава.
„Еден медиум во Словенија неодамна објави истражувачка сторија во која откри дека сума од два и пол милиони евра од Унгарија завршиле во телевизија Алфа и во три интернет портали Курир, Лидер и Нетпрес, сите познати по ширењето лажни вести и манипулации. Тоа се истите медиуми кои режимот на Груевски со години ги финансираше со државни пари за да го одржуваат на власт. Сега неговиот ученик Мицковски продолжува со странски, црни пари да ги финансира партиските мегафони за да шират антидржавна медиумска кампања“,
изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Оваа прес – конференција, рече таа, е со цел да ги повикаме јавните обвинители да постапат по објавените информации за нелегални пари од надвор кои завршуваат во медиумите. Ние сме, додаде, правна држава и законите мора да важат за сите подеднакво.

Како што оцени таа, новинарското истражување упатува на тоа дека овие пари од Унгарија се користат за црна кампања против успешните политики на СДСМ.
„Медиумите на Мицковски имаат задача да го поткопуваат Договорот со Грција и со текстовите негативно да влијаат на членството во НАТО. Што значи дека мисијата на медиумите и сомнителните унгарски пари е антидржавна и ги загорзува европските аспирации на државата. Праксата со корумпирање на медиумите беше одлика на 11 – годишното режимско владеење на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Кузеска.
Таа рече дека СДСМ е посветен на унапредување на слободата на говорот и слободата на медиумите, но, истовремено и на борба против лажните вести и измислици, како и сомнителното финансирање медиуми.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека СДСМ и Зоран Заев, како што се наведува, ги корумпираат и злоупотребуваат медиумите во земјава.
„1ТВ, за која и Заев тврдеше дека е провладина, беше претворена во алатка за рекет, политички притисок и изнудување на милиони евра од бизнисмени. МВР и ОЈО, по наредба на Оливер Спасовски и Заев, вршеа претрес во Нетпрес, само поради објава на скандал каде што има сомнеж за сериозен криминал од страна на висок функционер од владата на СДСМ“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат и дека кривичните пријави и, како што велат, политичкиот прогон против уредници на Инфомакс и Лидер и Алфа ТВ се показател дека власта се плаши од вистината и од правдата.
Случајот со унгарските пари во медиумите денеска се третираше и на политичката сцена во Словенија. Комисијата за финансирање на политичките партии во Собранието на Словенија отвори расправа по информациите на порталот Нецензурирано за наводно унгарско финансирање на партијата на Јанез Јанша и медиуми блиски до него.

Како што јави МИА од Љубљана, на сослушување е и поранешниот гувернер на Банка Словенија, а претседателот на Комисијата информирал дека пратениците се блиску до заклучок. Сепак, во оваа фаза тој не сакал ниту да ги потврди, ниту да ги демантира информациите на Нецензурирано дека пари од Унгарија, преку разни канали се влевале во Словенија и со нив се финансирала Словенечка демократска партија на Јанша и медиуми блиски до неа.
Поврзани текстови: БИРН: Унгарското масло во македонските медиуми