На една недела пред доаѓањето на 2022, новогодишната атмосфера во центарот на Скопје веќе може да се почувствува иако за разлика од претходните, годинава е поскромно кога станува збор и за украсувањето и за понудата во „Винтерленд“.
Еден од најукрасените делови во центарот на градот е зелениот кров на ГТЦ кој е и едно од омилените места на скопјани за фотографирање.
На плоштадот се наоѓа и новогодишната елка, а новогодишни светилки се поставени и долж улицата „Македонија“. Голем дел од кафулињата, пак, не се накитени, што не беше случај изминатите години.
Новогодишното уркасување на Скопје започна минатата недела односно 15 дена пред Нова година. Новата градоначалничка Данела Арсовска и компанијата „Линк медиа“ потпишаа меморандум за соработка кој предвидуваше фирмата бесплатно да го накити главниот град. Ова следуваше откако претходно, Арсовска го раскина договорот за украсување вреден 243 000 евра кој со истата фирма го склучи претходната градска администрација. Објаснувањето кое го даде новата градоначалничка за откажување на договорот беше енергетската криза.