Одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, реагираше министерот за правда Бојан Маричиќ по веста дека Апелација ја прифати гаранцијата од 11,1 милиони евра и го пушти ексшефот на УБК да се брани од слобода.
Министерот бара апелациските судии да ѝ објаснат на јавноста по кои основи ја донеле одлуката и го повикува Судскиот совет да испита како тие решиле дека Мијалков треба да излезе од затворот во Шутка.
„Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност. Судиите на Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои ја донесоа оваа одлука, треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот, иако е независен, е должен јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука“,
вели Маричиќ во реакцијата.
Гаранцијата од точно 11 106 501 евро, која ја даде Мијалков, се состои и во недвижен и во подвижен имот. Вишото обвинителство Скопје до Апелација испратило негативно мислење односно став дека жалбата со гаранцијата треба да се одбијат и ексшефот на УБК да остане во притвор во Шутка. Сепак, апелациските судии одлучија дека ќе ја прифатат гаранцијата и дополнително одредија мерки на претпазливост – одземање и забрана за издавање на пасош и обврска да се јавува во судот.