Шефот на државата, во обраќањето пред Собранието, нагласи дека Заев си оди кога СДСМ е на власт, што е голема разлика од случувањата во 2017 година, кога тогашната власт не сакаше да замине, и покрај оформеното парламентарно мнозинство
Претседателот Стево Пендаровски, во своето годишно обраќање, се осврна и на заминувањето на Зоран Заев од премиерското место и од лидерската позиција во СДСМ, оценувајќи дека е евидентна разликата во транзицијата на власта во споредба со 2017 година.
Пендаровски рече и дека во изминатите години имале и несогласувања со Заев, што, како што рече, треба да се поздрави, затоа што не се случува често во новите демократии.
„Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања. Тоа е неспорно чин што треба да се поздрави, затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017 година, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата. Сакале или не, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот. Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето“,
рече Пендаровски.
* Поврзани вести:
Заев и Пендаровски влегоа во вербален судир за „Отворен Балкан“
Владата од утре ќе биде во оставка, а Собранието без еден потпретседател
Тој посочи и дека очекува од новата влада што поскоро да се посвети на решавање на реалните проблеми на државата.
„Два месеци потрошивме на локалните избори, уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство. Очекувам новата влада час поскоро да се позанимава со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза која допрва ќе се продлабочува. Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме“,
нагласи Пендаровски кон крајот на своето обраќање.
Заев го следеше обраќањето на Пендаровски во „алтернативната“ собраниска сала, каде што беа присутни и другите министри од неговиот кабинет, кој ги брои последните денови пред констатирањето на премиерската оставка и изборот на нова влада.