Одредбите од законот треба да почнат да важат од 1 јануари
Собранието на Северна Македонија денеска треба да ја одржи 57. седница на која меѓу точките на дневен ред се и измените на Законот за работни односи во второ читање со кои се предвидува недела да биде прогласена за неработен ден.
Предложеното законско решение е ставено како втора точка, а според образложението, одредбите од законот треба да почнат да важат од 1 јануари.
„Со ова решение ги штитиме правата и на оние осум проценти од работниците што поради виталноста на дејноста или технолошкиот процес мора да работат во недела, со тоа што се превидува дневница поголема за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена. За вработените во трговијата, каде што исто така има одредени исклучоци, додатокот на плата е во висина од 100 проценти, значи двојно повисока дневница во недела“,
рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на комисиската расправа минатата недела.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) сметаат дека во овој момент е направен добар компромис помеѓу барањата на синдикатите и реалните можности на бизнис секторот во однос на предложените измени во Законот за работни односи и Законот за трговија, со кои се доуредуваат одредбите за прогласување на недела за неработен ден.
Но, укажуваат и дека предложеното законско решение во кое се прави избор на дејностите кои поради природата на дејноста ќе можат да работат и во недела, носи ризик некои дејности да бидат изоставени од таа листа.
