Францускиот амбасадор вели дека е јасно оти помеѓу јануари и јуни ќе има избори во Франција и тоа претседателски (во април), а потоа и парламентарни (на почетокот на јуни) и дека во моментот кога ќе се одржуваат тие избори или непосредно пред нив, „дејствувањето ќе биде малку ограничено, зашто ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“

Советот за општи работи на ЕУ донесе нови заклучоци за отворање на преговорите колку што е можно побрзо. Јас сум убеден дека отворањето на преговорите ќе се случи, но прашањето е кога, односно кога ќе се постигне тој резултат. Пораката што беше дадена за време на Советот е – колку што е можно побрзо, толку подобро, вели францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизија Алсат, прашан – дали може да се очекува крај на постојаните одлагања на одлуката за одржување на прва меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
На прашањето, пак, дали Северна Македонија ќе треба да чека до јуни за напредок во процесот, со оглед на тоа што претседателот Макрон за тогаш најави самит ЕУ-Западен Балкан, амбасадорот Бомгартнер вели:
„Советот за општи работи пред неколку дена потсети дека целта е да се најде решение колку што е можно побрзо и јасно е дека ако не мора да чекаме шест месеци за тоа, ќе биде подобро. И мислам дека постои едногласност во однос на тој став, затоа што текстот беше усвоен со консензус од страна на ЕУ. Целта на конференцијата за која зборува францускиот претседател е поширока. Не станува збор за конференција на која ќе се зборува само за Северна Македонија и за Албанија и нивната европска интеграција, затоа што има и четири други земји од Западен Балкан кои конкретно или потенцијално се засегнати и темите кои го поттикнуваат европскиот интерес за регионот ги вклучуваат можеби и прашањата за проширувањето, но и пошироко, зашто има прашања за регионална поврзаност и соработка и чувствителни политички и геостратешки прашања. Целта е да се разговара на таа конференција за сите овие теми“,
вели Бомгартнер.
Според францускиот амбасадор, јуни не е единствениот термин кога може да се случи деблокадата, посочувајќи дека тоа е крајниот рок во рамките на француското претседателство.
„Постои тој став што беше потврден од европските министри во однос на прашањето за отворањето на преговорите со вашата земја и со Албанија, желбата е да се реагира што е можно побрзо и конкретно, што значи дека во моментов го имаме тој прозорец на можности и се обидуваме да направиме сè за да се постигне тој резултат, односно да се постигне договор кој ќе ни овозможи да се отвори првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите. Тој прозорец на можности е отворен и ќе остане отворен се до почетокот на идната година. Дали до јануари, февруари, или крајот на февруари, тешко е да бидам прецизен, но мислам дека тоа е првата временска рамка за која ние сега размислуваме. На крајот на краиштата, од гледна точка на француското претседателство јасно е дека крајниот рок е јуни, но сепак ние сакаме да не се губи време“,
вели Бомгартнер.
Бомгартнер рече дека е јасно оти помеѓу јануари и јуни ќе има избори во Франција и тоа претседателски (во април), а потоа парламентарни (на почетокот на јуни) и дека во моментот кога ќе се одржуваат тие избори или непосредно пред нив, „дејствувањето ќе биде малку ограничено, зашто ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“.
