За донации во ВМРО-ДПМНЕ сведочеше и поранешна советничка од Гази Баба, која рече дека во 2010 година донирала 200 000 денари во еден наврат, а во втор наврат со сопругот донирале 60 000 денари. Парите рече дека ги дала на благајникот во општината
Двајца кои донирале пари во ВМРО-ДПМНЕ во 2006 и во 2010 година денеска, како последни сведоци на обвинителството, сведочеа во случајот „Плацови на Водно“.
Едниот сведок, Драги Огњаноски од градежна фирма во Скопје, кажа дека во 200 година, пред ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе централната власт, донирал 300 000 денари, откако тоа од него го побарал Коце Трајановски.
“Тогаш ми се јави Коце Трајановски, тогашен градоначалник на Гази Баба, бидејќи ние сме градежна фирма и сме работеле со општини и инстиции. Општината ми должеше пари, а господинот Коце Трајановски ми се јави и ми побара да уплатам донација на партијата, за сметка на тоа ако дојдат на власт нема да имаме никакви проблеми и ќе помагаат што може да помогнат “,
рече сведокот.
Трајановски, според исказот на сведокот, го одвел во старата жолта зграда на ВМРО-ДПМНЕ, каде што тој и ги дал парите на Гордана Јанкулоска, која тогаш беше генерален секретар на партијата.
“Парите ги предадов на Гордана Јанкулоска. Ми дадоа каса прими”,
рече сведокот.
На прашање на одбраната дали за ваквото однесување на Коце Трајановски пријавил некаде, сведокот одговори дека не пријавил.
Претходно, за донации во ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше и членка на партијата од Гази Баба, која била советник во оваа Општина во периодот од 2009 до 2013 година. Во сведочењето кое траеше неколку минути, таа кажа дека во 2010 донирала 200 000 денари во еден наврат, а во втор наврат со сопругот донирале 60 000 денари кои ги имале како заштеда.
Парите рече дека ги дала на благајникот во локалната самоуправа каде што била советник. И двајцата сведоци рекоа дека не го познаваат првообвинетиот, експремиер Никола Груевски.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.
Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.