Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чучев ја потврди акцијата за откривање недозволена трговија со дрога, но тој не открива дали е откриен еден тон кокаин, како што јавија некои медиуми или, сепак, само еден килограм, како што велат полициски извори.
Според нашите сознанија, станува збор за поширока меѓународна операција за шверц на повеќе од еден тон кокаин од кој, во селото Крушопек, Општина Сарај, завршил само еден килограм.
Министерот Чулев, во Фејсбук-објава, најавува дека детали ќе соопшти утре.
„Ја информирам јавноста дека Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности. По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата. Помина времето кога високото раководство во МВР соработуваше и ги поддржуваше криминалните структури во државата. Повеќе информации за јавноста ќе соопштиме во текот на утрешниот ден“,
објави Чулев.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на социјалните мрежи еуфорично известува за заплена на 1,3 тони кокаин, како што вели, најголема количина кога било запленета во земјава.
Информација дека е запленета голема количина дрога објавија и повеќе медиуми.
Како што веќе објави „360 степени“, во оваа меѓународна акција се вклучени властите на повеќе држави, меѓу кои, Италија и Црна Гора.
Во однос на количината на фатена дрога во земјава, информацијата дека во прашање е еден килограм кокаин ја потврдиле извори од МВР и за државната агенција МИА. Според истите извори, дрогата била запленета во магацин за овошје во селото Крушопек, а приведен бил и сопственикот на магацинот.