Приложувањето негативен ПЦР тест ќе биде задолжително за патниците од сите земји кои ќе допатуваат во Грција, а исклучок има за патниците кои во земјите престојувале помалку од 48 часа
За влез во Грција од недела ќе биде потребно приложување на негативен ПЦР тест направен 48 часа пред патувањето. Приложувањето негативен ПЦР тест ќе биде задолжително за патниците од сите земји кои ќе допатуваат во Грција, а исклучок има за патниците кои во земјите престојувале помалку од 48 часа.
„Одлуката е во рамките на напорите за контрола на пандемијата на ковид-19“,
соопштуваат од грчкото Министерство за здравство.
Соопштението првично се однесуваше на патниците од Велика Британија и Данска кои пристигнуваат во Грција, а кусо подоцна беше променето со вклучени сите земји.
Мерката, како што пренесува МИА важи за сите патници од сите земји, без разлика дали се вакцинирани или не и без разлика на кој начин пристигнуваат во Грција.
Грција бележи 130 починати од коронавирус за 24 часа што е негативен рекорд во земјата од почетокот на пандемијата по бројот на дневни смртни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, со зголемен ритам се одвива процесот на имунизација во земјата, особено поради новите мерки што се однесуваат на лицата над 60 години, за кои од следниот месец вакцинацијата ќе биде задолжителна, додека пак од понеделникот сертификатот за вакцинација е неважечки без примена трета доза со поминати седум месеци од втората.
Од денеска започнува и вакцинацијата на децата од пет до 11 години, а од петокот до понеделникот биле закажани над 29 000 термини. Од вакцините на „Фајзер“ наменети за деца, што се една третина од дозата за возрасните, досега пристигнаа 60 000.