Педесет и седум годишниот кумановец го искористил долгот од едно лице и прво му предложил, а потоа и му се заканувал барајќи од него, заедно со уште едно лице, да убие три лица. Трите лица за кои барал да бидат убиени се поврзани со сообраќајка во која загинала ќерката на нарачателот
Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен акт против 57 – годишен кумановец за нарачување убство на три лица.
„Поттикнувањето го вршел поради безобзирна одмазда на смртта на неговата ќерка, која загинала во сообраќајна незгода како сопатник. Убиството кое обвинетиот го нарачувал, требало да биде за две лица кои во моментот на несреќата биле заедно со неговата ќерка во возилото, како возач и сопатник, како и за таткото на возачот“,
се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Обвинетиот, како што се наведува во соопштението, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот.
Во обаснувањето од ОЈО се наведува дека обвинетиот му позајмил 50 000 евра на едно од двете лица од кои побарал да извршат убиство, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80 000 евра. Обвинетиот потоа, го искористил долгот и во периодот од април до август оваа година, на различни локации во Куманово, на ова лице, а потоа и на друго лице, им предложил, наместо да му се врати долгот од 80 000 евра, да им додаде уште 40 000 евра, а тие за возврат да извршат убиство на трите лица.
„Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените и на на членовите на нивните семејства, по што оштетените случајот го пријавиле во полиција“,
се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Заедно со обвинението за „Убиство“ од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 4 во врска со член 23 став 2 од Кривичниот законик, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд доставил и посебен предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор за обвинетиот, имајќи предвид дека околностите поради кои што притворот е определен се уште постојат и тоа опасноста од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, како и опасноста од повторување и довршување на делото или од можно сторување на ново кривично дело.
При предлагање на мерката, обвинителот ги имаше предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, неговата противправност, запретената казна за ваков вид на кривично дело, начинот на извршувањето и упорноста како и последиците од кривичното дело, околностите под кои е извршено и мотивите за неговото извршување.
Обвинителството, се вели во соопштението, предлагајќи продолжување на притворот за обвинетиот, особено ценеше дека е оправадан стравот од можност за бегство надвор од државата или пак плаќање за продолжување и реализирање на претходните планови и преку можни трети лица.
