Меѓу главните задачи кои Радев му ги посочи на Петков е и одбраната на националните интереси на Бугарија
Претседателот на Бугарија Румен Радев му го врачи мандатот за состав на Влада на Кирил Петков, копретседател на победничката партија на изборите од 14 ноември „Промената продолжува“. Освен мандатарот, на врачувањето присуствуваа и копретседавачот Асен Василев, кандидатот за вицепремиер Калина Константинова и претседателот на пратеничката група Андреј Ѓуров.

„Имате одговорност за реформи, да се справите со корупцијата и беззаконието, да ги исфрлите задкулисните игри од државата. Како министер, вие веќе се убедивте колку е силна длабоката држава. Ако не постигнете значителни промени уште во првите 100 дена, нема начин како коалицијата да ја добие битката за законитоста во Бугарија“,
кажа Радев.
Тој изрази надеж дека коалициската влада ќе го слушне гласот на народот кој сака владеење на правото.
„Борбата против сиромаштијата и одбраната на националните интереси на Бугарија се другите главни задачи“,
кажа Радев.
Мандатарот Петков посочи дека се надева оти во понеделник ќе биде избрана редовна влада.
„За мене е чест и голема одговорност да ја земам оваа папка од вас. Доаѓајќи наваму, една граѓанка ми рече – повторно не натеравте да веруваме. Оваа одговорност ја земаме при срце. Време е, после 32 години, бугарскиот народ да почувствува дека власта се грижи за него. Време е нашите баби и дедовци, мајки и татковци да ја гледаат Бугарија како место каде може да имаат пристојна старост, достоинствена пензија. Сакам да ве уверам дека ќе ги вложиме сите наши напори – не само ние, целата коалиција, овие надежи и ветувања да станат реалност“,
кажа Петков.

Се очекува во 13 часот во зградата на Народното собрание првите луѓе на „Промената продолжува“ да ја презентираат структурата и составот на новиот Совет на министри на Бугарија.