Доколку се настојува да се наметне еден историски наратив над друг, како што беше случај досега, тогаш нема да има надминување на тие симболични недоразбирања меѓу македонската и бугарската историографија, вели копретседавачот од наша стра во заедничката историска комисија
Застојот во работата на заедничката македонско-бугарска историска комисија датира од октомври 2019 година, со донесувањето на „рамковната позиција“ на Бугарија за старт на преговорите со Северна Македонија, вели копретседавачот од македонска страна, Драги Ѓоргиев.
Во изјава за Телма, по одржувањето на 16. средба на Комисијата за историски и образовни прашања, која заврши попладнево без успех, Ѓоргиев нагласува и дека работата на Комисијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија.
„Застојот во работата на Комисијата настана во октомври 2019 година, кога почнаа да се усвојуваат разни декларации и рамковни позиции во Собранието, пред се на Република Бугарија и кога Бугарија ја усвои рамковната позиција во однос на прашањето. Ние апсолутно се трудиме политиката да ја апстрахираме во нашата работа и сите дискусии кои се водат се во духот на академското разбирање на минатото. Ние работиме во еден политички контекст и не може да се избегне политичкиот контекст, меѓутоа, сепак, сакам да потврдам дека работата на Комсијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија и ние се трудиме да остане така“,
вели историчарот Ѓоргиев.
Тој потврди дека на дводневниот состанок што се одржа онлајн, се разговарало за претставувањето на државата на цар Самоил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претствувањето на тој настан во учебниците.
„Разликата се состои во тоа што имаме поинаков пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век. Тука имаме генерално многу различни пристапи, во однос на бугарските колеги и инсистирањето настаните од 10 и 11 век да се претстават во перцепција на апсолутна вистина дека постои само една вистина за тој настан и таа личност. Од друга страна, обидот да се претстави цар Самоил и неговото царвство во сите негови различни толкувања во светската историографија остануваат главен проблем во разидувањата на македонскиот и на бугарскиот тим“,
рече Ѓоргиев.
За следната средба, прва во 2022 година, закажана за 24 и 25 февруари, македонскиот копретседавач вели дека на маса ќе бидат истите теми, а дали ќе има напредок, како што вели, зависи од двете страни.
„Доколку се настојува да се наметне еден историски наратив над друг историски наратив, како што беше случај досега, тогаш нема да има надминување на тие симболични недоразбирања меѓу македонската и бугарската историографија“,
вели Ѓоргиев, оценувајќи дека ова може да се надмине со еден поинаков пристап и со добра волја од двете страни.
Во однос на тоа што македонскиот тим настапи со еден член помалку, Ѓорѓиев рече дека надминувањето на тој проблем е во тек.
„Ние работиме на тоа да се надополни комисијата со еден член, меѓутоа денес апсолутно не беше тоа никаков хендикеп бидејќи и порано се случувало и бугарската и нашата комисија од одредени причини да работи без еден член“,
вели Ѓоргиев.
Тој најави дека до следната средба ќе работат на тоа да инкорпирираат еден член во македонскиот тим.