Со обвинети и адвокати во судница и новинари пред судница, заврши денешното судско рочиште за „Рекет“ на кое се слушаа снимки од вкупно два часа и десет минути. Иако се очекуваше новинарите и останатата јавност да присуствуваат на пуштањето на снимките, обвинителката Вилма Русковска побара тие да се пуштат зад затворени врати.

„Се слушаат имиња на луѓе чиј углед може да биде нарушен“, рече Русковска изнесувајќи го своето барање, а одбраната во изјава за медиумите алудираше дека такво оправдување не е предвидено со Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Вчера беше одлучено поради интерес и да немало некакви шпекулации да се слушаат снимките, но јавно, за денеска да имаме потполно нова ситуација поради заштита на интересите. Членот 354 од ЗКП јасно кажува во кои случаи се исклучува јавноста, тоа се интересите на осомничениот, на оштетениот, на одредени лица кои се таксативно наведени. Не може само да се каже за заштита на нечии интереси. Второ, бидејќи судечкиот совет ги нема слушнато претходно овие материјални, најмалку што требаше да направи обвинителката е прецизно, релевантно и категорично да го убеди судечкиот совет зошто бара исклучување на јавноста“,
изјави Сашко Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски-Боки 13.
Русковска, пак, дополнително за медиумите не даваше изјава за да објасни зошто бараше исклучување на јавноста.
Во членот од ЗКП, што го споменува Дукоски, а каде што се пропишува кога се исклучува јавноста, пишува:

Поради тоа што беше исклучена јавноста, и тој и адвокатите на Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, рекоа дека не смеат да ги коментираат снимките што беа слушнати денеска, но најавија дека на нив ќе се осврнат во завршниот збор.
И Кадиев и Фрчкоска, исто како и Дукоски, во изјави за медиумите изразија незадоволство од барањето на Русковска и од одлуката на судечкиот совет за исклучување на јавноста.
„Вчера ни беше најавено дека ќе се слушаат снимките и дека тоа се прави за јавноста. Ние сметаме дека за една снимка можеби имаше услов да се исклучи јавноста, но другите сметаме дека требаше да биде присутна јавноста“,
рече Ирена Фрчкоска, адвокатка на поранешната специјална обвинителка.
Тие потврдија дека станува збор за снимките за кои нивната клиентка Јанева во судница минатата недела рече дека се клучни, дека од нив започнува нејзината одбраната и дека од тие аудиоснимки ќе се види кој разговарал за рекет, кој нудел поткуп, а кој бил изманипулиран.
Со слушањето на снимки зад затворени врати, во судскиот процес „Рекет“ обвинителството заврши со изведувањето на материјалните докази.
Од наредното рочиште во четврток, ќе се почне со сослушување на сведоците на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Кои се први на неговата листа, адвокатот Дуковски не сакаше да споменува имиња порачувајќи им на новинарите дека „не е ништо спектакуларно, ќе дојдат и ќе видат“.