Претседателот ги охрабри и натаму да останат ангажирани и да делуваат онаму каде што е најпотребно
Во животот секогаш најмногу не инспирираат поединците кои прават нешто добро, а без никаков надомест. Доброволно, искрено, посветено и чесно, мотивирани единствено од желбата да се помогне некому во неволја, да се понуди утеха, да им се служи на другите луѓе и на заедницата на која припаѓаат, нагласи претседателот Стево Пендаровски во својата порака, по повод 5 декември – Светски ден на волонтерството.
Во видео-порака Пендаровски нагласи дека кога милиони луѓе секојдневно се во постојана трка по материјални богатства и моќ, не гледајќи ги тие кои страдаат, мисијата на волонтерите претставува ретка појава во светот.
Претседателот се заблагодари за напорите што волонтерите ги вложуваат и помагаат во придонес за општото добро.
„Дозволете ми, во името на сите наши граѓани да искажам огромна благодарност и почит за вашата пожртвуваност, вашата одговорност и посветеност“,
вели тој во видео-пораката.
Претседателот ги охрабри и натаму да останат ангажирани и да делуваат онаму каде што е најпотребно и преку личен пример да ја вратат вербата во хуманоста и солидарноста како предуслови за една среќна и просперитетна човечка заедница.
Своја честитка по повод Светскиот ден на волонтерите упати и премиерот во оставка Зоран Заев, кој се огласи преку својот Фејсбук профил.
„И оваа година, на Меѓународниот ден на волонтерите, 5 декември, им оддаваме огромно признание на волонтерите за нивната неуморна посветеност и за безусловната љубов која ја даваат во многу процеси за доброто на заедниците, општеството и во поддршка на многу наши сограѓани кои не смеат да бидат запоставени“,
напиша Заев на Фејсбук.
Тој потсети и дека токму оваа година сме ја почувствувале инспиративната сила на волонтерите за време на пожарите, како и во текот на нивната поддршка за време на ковид пандемијата.