МВР располага само со уште 3 600-3 700 обрасци за патни исправи и дел од нив – околу 650 лица, ќе бидат за оние што аплицирале за добивање пасош по итна постапка, додека останатите ќе се чуваат за приоритетни медицински случаи.
Нема да се примаат апликации за патни исправи ниту по редовна ниту по итна постапка додека не пристигнат новите обрасци за пасоши, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
На денешната прес-конференција тој соопшти дека МВР располага само со уште 3 600-3 700 обрасци за патни исправи и дел од нив – околу 650 лица, ќе бидат за оние што аплицирале за добивање пасош по итна постапка, додека останатите ќе се чуваат за приоритетни медицински случаи.
Министерот Чулев рече дека досега во МВР пристигнале околу 16 000 апликации за добивање патни исправи по редовна постапка, кои нема да може да бидат спроведени додека не дојдат новите обрасци, кои се очекува да пристигнат следниот месец.
Наредната нарачка од „Веридос“, согласно склучениот договор, е 24 март, но имаат ветувања од компанијата дека тој рок може да се скрати од 10 дена до две недели, но тоа не е официјализирано.
Нарачка има и за обрасци за нови патни исправи со новото уставно име кои треба да дојдат од септември
Тој рече дека во саботата контактирал и со Германската амбасада, а предложил и заклучоци до Владата да изнајде модус или методологија за надминување на состојбата но, рече, од Владата немало разбирање и го вратила предметот во ингеренции на МВР.
Заедно со управувачкиот комитет на МВР кој одлучува за овие проблеми и со заменик-дополнителниот министер вчера го разгледувале проблемот за можни решенија и заклучиле дека мора да се стави системот за издавање патни исправи надвор од функција, односно да се забрани аплицирање за издавање пасоши по редовна и по итна постапка.
„Во текот на денешниот ден повторно ќе направиме обиди за решавање на проблемот, а во МВР веќе сме при крај за утврдување методологија. Приоритет ќе имаат сите оние случаи каде што е неопходно издавање пасоши заради здравствени причини“,
рече Чулев.
И техничкиот премиер Спасовски, кој лично интервенирал до германските власти за надминување на проблемот, а бидејќи се работи за државен проблем кој ги надминува можностите на МВР, повторно денеска од Владата ќе побара да се реши проблемот.
Според него проблемот со патни исправи е резултат на лошо планирање, пропусти во работењето и несовесно работење и доцнење со нарачката на патните исправи.
„На 6 декември 2019 во информација доставена до министерот за внатрешни работи од страна на помошникот министер се укажува дека во резерва имало 88 100 пасоши. Кога дојдов јас како министер службите не информираа дека имаме сериозен недостиг на лични документи вклучително и пасоши и во информација само еден месец подоцна на 8 јануари 2020 година службите ме информираа дека имаме само 27 580 пасоши, или околу 50 000 помалку“,
рече Чулев.
Тоа е, рече, резултат на несовесно и нестручно работење и во моментов се врши истрага да се утврди одговорноста.
Проблемот со недостиг на лични карти и возачките дозволи, како што рече, е надминат.