Главната научничка на СЗО ги повика луѓето да не паничат и рече дека е премногу рано да се извлечат заклучоци за новата варијанта
Новата варијанта на коронавирус омикрон е идентификуван во 38 земји ширум светот, но досега не се пријавени смртни случаи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
„Немам никакви информации за смртни случаи поврзани со омикрон,
рече портпаролот на СЗО Кристијан Линдмаер.
Шефица на техничкиот тим во одделот за итни случаи на СЗО, Марија Ван Керхове, информира дека омикрон е регистриран во 38 земји.
СЗО соопшти дека се потребни неколку недели за да се добие попрецизна слика за потенцијалното влијание на омикрон, за да се одреди степенот на заразност, јачината на вакцините, како функционираат тестовите и третманите.
„Прелиминарните податоци се чини дека укажуваат на поголема зараза, а тоа е главно сè што знаеме досега“,
рече Линдмаер.
Директорот на СЗО за итни ситуации, Мајкл Рајан, рече дека организацијата ќе ги добие одговорите што му се потребни на светот.
„Сега треба да имаме доверба во науката, да бидеме трпеливи и да не се плашиме. И засега не е неопходно да се менуваат вакцините што ги користиме“,
рече Рајан и апелираше до луѓето да се вакцинираат.
Сепак, тој додаде дека сега се прави многу за да се види како тие вакцини би можеле да се променат доколку треба да се променат.
Новата варијанта на вирусот, која СЗО ја опиша како загрижувачка, првпат беше пријавена во Јужна Африка на 24 ноември.
Иако првите инфекции надвор од Јужна Африка беа главно поврзани со луѓе кои патуваа во регионот, во САД и Австралија се појавија првите случаи на локално пренесување.
СЗО процени дека е „голема“ веројатноста Омикрон да се прошири на глобално ниво, иако остануваат многу непознаници.
Портпаролот на СЗО потсети дека денес најголем број случаи на ковид-19 се предизвикани од варијантата делта.
„Пред само две недели, рестрикциите во многу земји беа воведени поради зголемениот број случаи поврзани со делта варијантата, Не треба да го заборавиме тоа“,
рече портпаролот на СЗО.
Главната научничка на СЗО, Сума Сваминатан, денеска ги повика луѓето да не паничат поради појавата на омикрон и рече дека е премногу рано да се извлечат заклучоци за новата варијанта.
Во интервју за Ројтерс Некст, Сума рече дека е невозможно да се предвиди дали омикрон ќе стане доминантна варијанта на коронавирусот.
„Треба да бидеме подготвени и внимателни, но да не се паничи бидејќи сме во поинаква ситуација од пред една година. Делта сочинува 99 отсто од инфекциите во светот. Оваа варијанта би требало да биде позаразна за да ја надмине делта и да стане доминантна во светот. Можно е, но не е можно да се предвиди. Мора да почекаме, да се надеваме дека е поблага, но прерано е да се заклучи за варијантата како целина“,
реч Сваминатан.
Таа најави дека СЗО следната недела ќе свика глобална група на експерти за да ги одреди приоритетите за истражување на омикрон.
Коментирајќи ја потенцијалната потреба од вакцинација со бустер доза против коронавирус еднаш годишно, таа рече дека СЗО се подготвува за сите сценарија.