Повредените беа сместени во болницата „Пирогов“ во Софија, а по неколку дена беа префрлени во ургентниот центар во Скопје
Со два воени транспортни авиони утре претпладне од Бугарија ќе бидат транспортирани останките на 45-те македонски државјани кои загинаа во автобуската несреќа на патот „Струма”, соопшти денеска бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.
„Бугарската страна ќе обезбеди два воено-транспортни авиона со кои утре изутрина ќе бидат транспортирани останките на загинатите во сообраќајната несреќа“,
изјави Ангелов на новинарско прашање по посетата на општина Штип.
Од МНР најавија дека утре претпладне, на Меѓународниот аеродром Скопје, ќе пристигнат посмртните останки на починатите од автобуската несреќа во Република Бугарија.
Во несреќата на патнички автобус со скопски регистарски таблички што се случи на 23 ноември на патот „Струма”, близу градот Перник, загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени. Повредените беа сместени во болницата „Пирогов“ во Софија, а по неколку дена сите се префрлени во ургентниот центар во Скопје.