За случајот веќе е поведена и кривична истрага, а приведени се директорот на рудникот, неговиот заменик и еден од управителите

Бројот на загинати во несреќата во рудник за јаглен во областа Кемерово во Сибир се искачи на 52. Меѓу нив се и шестмина спасувачи, јавуваат руските медиуми повикувајќи се на информациите од службите за вонредни ситуации.
Над 260 рудари, пак, се спасени, а 40 од нив завршија во болница. За исчезнати сè уште се водат 35 рудари.
„РИА Новости“, од извори во спасувачките служби, објави дека претпоставките се оти сите исчезнати лица се мртви, но ваквите информации сè уште не се официјално потврдени од руските власти. Во официјална изјава за „Раша тудеј“ од руските служби велат дека засега не може да потврдат дали се живи или мртви 35-те рудари, како и тројца спасувачи.
Рударската несреќа се случи денеска наутро, а како причина се наведува експлозија на метан.
„Најверојатно станува збор за експлозија на метан предизвикан од искра, што довело до експлозија. Повредените не можеа да излезат од рудникот“,
изјави заменик-јавниот обвинител на Русија, Димитри Демешин.
За случајот веќе е поведена и кривична истрага, а приведени се директорот на рудникот, неговиот заменик и еден од управителите.
