Прес-службата на гувернерот на Кемеровската Област соопшти дека во болница се префрлени 43 лица, меѓу кои две лица во тешка состојба, како и дека еден починал
Четириесет и осум рудари останаа заробени во рудник за јаглен во областа Кемерово во Сибир по несреќа во која најмалку едно лице загина, соопштија руските власти.
Во тек е спасувачката операција во рудникот, соопштија од Министерството за вонредни состојби.
Како што се наведува, од рудникот се извлечени вкупно 237 лица, а 45 се повредени, додека 48 рудари сѐ уште се во рудникот. Соопштено е и дека засега не се знае точно каде се заробените рудари, ниту пак причината за несреќата.
Прес-службата на гувернерот на Кемеровската Област соопшти дека во болница се префрлени 43 лица, меѓу кои две лица во тешка состојба, како и дека еден починал.
Во Министерството за вонредни состојби е пријавено во 9:07 часот по локално време како излегува чад од рудникот „Листвјанзај“, соопштија од службата на гувернерот Сергеј Цивилев.
Според тој извор, на местото на несреќата се испратени 11 специјализирани спасувачки екипи, а на пат се уште неколку, а полетал и хеликоптер со медицински персонал.