Покрај опожарениот автобус, сообраќале уште три, а автобусот во кој загинале патниците се движел последен

Грешка на возачот или ненадејна техничка неисправност на автобусот е можна причина за несреќата во која загинаа најмалку 45 лица, а седум се повредени, изјави директорот на бугарската Националната истражна служба Борислав Сарафов.
Тој информира дека во опожарениот автобус имало 52 патници, од кои 12 деца. Првичните информации говорат дека нема бугарски државјани.
Меѓу загинатите е и возачот на автобусот.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков, кој заедно за премиерот Стефан Јанев е на местото на автобуската несреќа, изјави дека причината ќе се разјасни детално во текот на истрагата.
„Сликата е ужасна и не секој може да ја поднесе. Никогаш не сум видел вакво нешто. Тешко е да се одреди колку луѓе има и кои се“,
рече Рашков.
Тој истакна дека покрај опожарениот автобус, сообраќале уште три, а автобусот во кој загинале патниците се движел последен.
„Заштитната ограда на автопатот е уништена од автобусот, а сосема е можно пожарот да настанал при контакт на автобусот со заштитната ограда“,
рече Рашков.