Пресудата за „27 април“, но и повеќето кривични постапки кои се водат против него, како и контактите кои ги има како ексминистер, се дел од аргументите со кои обвинителството побарало Јанакиески повторно да се врати во притвор
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд во Скопје поднесе предлог на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да му се определи мерка притвор бидејќи, велат оттаму, постои оправдан страв обвинетиот да се крие или да се даде во бегство.
Барањето од обвинителството следува откако минатата недела Апелацискиот суд во Скопје ја прифати жалбата на Јанакиески и му го укина куќниот притвор.
Од обвинителството потсетуваат дека Јанакиески е првостепено осуден во случајот „Организаторите на 27 април“ и оти тогаш побарале да му се определи притвор исто како и на останатите обвинети, но судот не му определи мерка бидејќи во тој момент ексминистерот се наоѓаше во куќен притвор во еден од другите предмети каде е обвинет. Останатите
Пресудата, но и повеќето кривични постапки кои се водат против него, како и контактите кои ги има како ексминистер, се дел од аргументите со кои обвинителството побарало Јанакиески повторно да се врати во притвор.
„Повеќето кривични постапки што се водат против обвинетиот, околностите што укажуваат на неговите познанства како поранешен министер, реалната можност за изрекување на други пресуди во кои би бил огласен за виновен, како и фактот што за останатите обвинети во предметот е определена мерка куќен притвор го оправдува предлогот на обвинителството“,
велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Со првостепената пресуда за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, Јанакиески е осуден на шест години и три месеци затвор. Условна казна, пак, има во предметот „Насилство во Центар“, а на обвинителна клупа седи во неколку предмети кои се водат пред Основниот кривичен суд: ТНТ, „Титаник“, „Талир“, „Топлик“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.
Првиот притвор на ексминистерот му беше определен пред околу три години, на 14 ноември 2018 година.