Во осум општини има повеќе невработени од вработени, додека во три општини на северот на Црна Гора има повеќе корисници на социјална помош отколку работници
Две третини од црногорските општини (16 од 24) имаат повеќе пензионери отколку вработени, пишува подгоричкиот весник „Вијести“.
Во осум општини невработените се помногубројни од вработените, додека во три општини – Рожаје, Плав и Гусиње има повеќе корисници на социјална помош отколку работници. Во четири општини просечната плата е пониска од идниот минимум од 450 евра.
Ова го покажуваат податоците на Заводот за статистика Монстат, Заводот за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии и социјална заштита, односно центрите за социјална заштита.
Во 13 општини на северот од државата има 22 000 вработени, што е 15 отсто од вкупниот број од 145 000 во Црна Гора, додека во истото подрачје се регистрирани 25 000 невработени, односно 47 отсто или речиси половина од вкупниот број невработени.
На северот од земјата живеат и 30 000 пензионери, што е 25 отсто од вкупниот број, а во тој дел од државата социјална помош примаат 13 800 жители или 52 отсто од вкупниот број во целата земја, се наведува во текстот.
Според весникот, тоа покажува дека десетиците милиони евра кои се одвоени за регионален развој во изминатите децении „не дадоа никакви резултати“.
Економски најзагрозени се жителите на Рожаје, каде што има 2 400 работници, 2 600 пензионери, 5 100 невработени и 5 100 корисници на социјална помош, односно на 2 400 вработени има 12 800 лица кои припаѓаат на загрозените категории, пренесува Танјуг.