Сѐ уште не е познато дали инцидентот е поврзан со тероризам, но полицијата информира дека сѐ уште има опасност за населението
Најмалку пет лица загинаа, а 40 се повредени вчера кога автомобил влета во толпата на божиќната парада во Ваукеша, Висконсин, соопшти денеска американската полиција.
„Во овој момент можеме да потврдиме дека пет лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени. Сепак, тие бројки може да се променат кога ќе добиеме дополнителни информации“,
објави полицијата.
Началникот на полицијата во Ваукеша, Ден Томпсон, изјави дека возачот на автомобилот е уапсен. Властите соопштија дека итната помош пренела 12 деца и 11 возрасни во болниците, а голем број од повредените биле префрлени во болници од страна на нивните семејства и пријатели.
Инцидентот се случи во Ваукеша, мал град на 32 километри западно од Милвоки.

Сѐ уште не е познато дали инцидентот е поврзан со тероризам, но полицијата информира дека сѐ уште има опасност за населението.
На видео објавено на социјалните мрежи се гледа црвено теренско возило како со голема брзина се движи кон задниот дел на парадата. Друго видео покажува како полицијата отвора оган врз возилото додека минува низ уличните бариери. Томпсон потврди дека полицијата пукала во возилото, но додаде дека во престрелката никој од посетителите на парадата не бил повреден. Тој нагласи дека од возилото не бил испукан ниту еден истрел.
WARNING: Graphic footage
— The Post Millennial (@TPostMillennial) November 22, 2021
Top-down video footage shows a driver deliberately plowing through a Christmas parade in Waukesha, Wisconsin. pic.twitter.com/fo5xXPF12q
Очевидци рекоа дека возилото покосило и група млади танчари на возраст од 9 до 15 години. На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како група луѓе им помагаат на повредените девојчиња.
Еден очевидец процени дека автомобилот возел со брзина од околу 65 километри на час кога удрил во толпата собрана на парадата. Фотографиите и видеата од Ваукеша кои кружат на Твитер покажуваат полициски автомобили и амбулантни возила кои пристигнуваат на улицата по инцидентот.
Инцидентот се случил нешто пред 17 часот по локално време, објавија медиумите.
„Видовме џип како поминува, стисна гас и со полна брзина удри во луѓето на парадата“,
изјави очевидец.