Се вели дека треба да има редар на врата во влез на институцијата, кој ќе проверува дали вработените имаат примено вакцина и дали поседуваат ПЦР-тест. Но, што доколку немаат едно или друго? Дали ќе бидат пуштени да влезат во работните простории, дали ќе можат да се ‘откуцаат’ во електронскиот систем, прашува генералниот секретар на Синадикатот на УПОЗ
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) бара Владата да ги ублажи и допрецизира мерките за вакцинација на вработените во јавниот сектор, кои ги предложи Комисијата за заразни болести и, најверојатно, следната недела ќе се најдат на владина седница.
Генералниот секретар на Сундикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека не е прецизирано како би се спроведувал предлогот административците да примат барем една доза вакцина или да прават ПЦР тест еднаш неделно.
„Не е јасно наведено како ќе се регулира отсуството од работа на вработените. Од она што го прочитавме, таму се вели дека треба да има редар на врата во влез на институцијата, кој ќе проверува дали вработените имаат примено вакцина и дали поседуваат ПЦР-тест. Но, што доколку немаат едно или друго? Дали ќе бидат пуштени да влезат во работните простории, дали ќе можат да се ‘откуцаат’ во електронскиот систем? Знаеме и сами, Законот за работни односи кажува дека по три последователни дена недоаѓање на работа следува прекин на работниот однос. Доколку вработениот после два дена реши да се вакцинира или да извади ПЦР-тест, тие два дена отсуство како ќе бидат регулирани? Досега сме немале вакво искуство, меѓутоа секое отсуство е дисциплински регулирано“,
кажа Деаноски.

Тој вели дека УПОЗ го има предвид јавното здравје, но сметаат дека можеби ковид-вакцината треба да биде во задолжителниот вакцинален картон.
„Мислам дека ваквата предлог-мерка е преригорозна и доколку таа се разгледува на Влада, ќе мора да се допрецизира, да се направи јасна, што ќе се случи доколку не се вакцинираат вработените, какви ќе бидат последиците за нивно невакцинирање. Не можеме да кажеме дека ова е мотивација. Ова не е мотивација, ова е принуденост, значи вработените се принудуваат спротивно на Уставот“,
смета Деаноски, кој вели дека е вакциниран, но на доброволна основа.
Комисијата за заразни болести предлага сите вработени во јавниот сектор, за одење на работно место, да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР-тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Трета опција е да приложат потврда за прележан ковид не постара од 45 дена или да имаат потврда од специјалист дека не може да ја примаат вакцината. Комисијата бара мерките за јавниот сектор да стапат во сила 10 дена од донесувањето на одлуката на владина седница.