Пратеникот вели дека веќе го направил првиот чекор со тоа што, по вчерашната средба со премиерот Зоран Заев, денеска се сретнал и со шефот на дипломатијата Бујар Османи

Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој оневозможи гласање недоверба на Владата, објави дека покренува неформална политичка иницијатива во Собранието – „Европа 21“ и повикува околу неа да се обединат прогресивните сили за задржување на евроатлантската перспектива на земјава, особено во пресрет на самитите на ЕУ.
Тој вели дека има и други пратеници кои го делат неговиот став, но се блокирани од своите партии.
„Сакам да ги повикам сите прогресивни сили, особено апелирам меѓу пратениците во парламентот кои знам дека го делат овој политички став, но во моментов се блокирани од своите политички групации, да ми се придружат и да се обединиме за да може нашиот политички став да добие ефективна реализација“,
наведува Реџепи.
Околу покренувањето на оваа неформална иницијатива тој вели дека веќе го направил првиот чекор со тоа што, по вчерашната средба со премиерот Зоран Заев, денеска се сретнал и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Одблиску се запознав со сите процеси од надворешната политика поврзани со европските интеграции на земјава. Како што очекував, добив силна потврда за големиот број активности кои се преземаат и од наша стана, но и од нашите меѓународни пријатели за да се одблокира овој процес, активности во кои целосно верувам и поради тоа ќе го вложам целиот мој политички капацитет“,
вели Реџепи.
Пратеникот на 11 ноември не се појави во Собранието на седницата за гласање недоверба на Владата, по што опозицијата остана без еден пратеник и не можеше да обезбеди кворум. Реџепи се огласи првично преку социјалните мрежи, а во понеделникот излезе на прес-конференција на која образложуваше дека сакал да дојде на седницата, но откако слушнал дека ќе биде единствениот присутен што ќе гласа против, од безбедносни причини, одлучил да не се појави. Тој рече дека иако се потпишал на иницијатива за гласање недоверба, околностите се смениле и решил во име на европските интеграции да не гласа.