Претесна стана и големата кристална собраниска сала каде во ковид-пандемијата се одржуваат прес-конференциите на пратениците. Медиумските екипи, подготвени и за пренос во живо, нестрпливо го чекаа обраќањето на пратеникот Кастиот Реџепи од БЕСА, кој изминатиот четврток не обезбеди кворум за рушење на Владата. Обезбедувањето будно следеше што се случува, а во салата се појавија двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска и Антонио Милошоски.
„360°: Прво, зошто сте тука?
Па да видиме срцето на пратеникот Реџепи дали е во Вашингтон и нормално, колку тоа ќе ни помогне за подобар економски живот, за цените на горивата да бидат пониски, енергетската криза.
360°: Лути сте му на Реџепи?
Не, не би имало зошто затоа што човекот, претпоставувам дека имал некоја сериозна мака штом се решил два дена да биде отсутен.
360°: Ќе го предомислите ли?
Секој си одлучува сам за себе.
360: Без него сте 60?
Ние постигнавме одличен резултат на локалните избори, сметам дека власта е делитимирана. 60 пратеници е одлична бројка.
360°: Како очекувате да се однесува во иднина пратеникот?
Не би знаел, не би можел човек да предвидува, еднаш потпишан на иницијатива, па потоа исчезна, два дена не во Собрание, па фејсбук статус, Америка, Вашингтон, срцето, и слично. Се гледа дека не може човек да ги предвидува потезите на секоја личност“, вели пратеникот Милошоски.
15 минути по закажаното време, пратеникот се појави на прес-конференција со извинување за доцнењето. Кастриот Реџепи се уште се смета за дел од БЕСА и од власта, и 45 минути образложуваше дека сакал да дојде на седницата за гласање за доверба на Владата, но откако слушнал дека ќе биде единствениот присутен што ќе гласа против, од безбедносни причини, одлучил да не се појави.
„Во текот на денот додека ми биле исклучени телефоните, сум добил пораки, за кои се пријавени во институциите. Поради проценка на ситуацијата, затоа имам обезбедување, не дека јас барав“,
кажа Реџепи.
Кастриот Реџепи – пратеник во Собранието на РСМ
И додека пратеникот беседеше на говорница, тројца обезбедувачи постојано кружеа низ салата. Интерес за тоа што се случува внатре имаше и зад вратата, а Реџепи трпеливо им образложуваше на новинарите зошто се одлучил да не ја поддржи иницијативата за гласање недоверба на Владата.
„Денеска, како никогаш порано е најизвесно дека во декември ќе добиеме датум“,
смета пратеникот.
Кастриот Реџепи
Придружуван од обезбедувањето, Реџепи ја напушти прес-салата, а на медиумските екипи не им беше дозволено да го следат.



Новинарот Фуркан Салиу, кој известува за политичката криза, вели дека потегот на Реџепи различно се толкува кај албанската заедница.
„За едните е херој, за едните е предавник. Денеска тој се објасни зошто се реши на таков чекор, не замоли да го почекаме 14 декември, па да видиме кој бил во право. Се разбира дека и неговото објаснување држи вода и прашањата до него беа заради начинот на кој тој став го прикажа. Можеше едноставно да дојде во Собрание и да не гласа и да образложи зошто нема да гласа и никому ништо. Меѓутоа, начинот не беше коректен, барем за неговата партија, тоа е мое мислење, затоа што на 5 минути пред да почне гласањето никој од неговата партија не знаеше кај е Кастриот Реџепи. Сепак во партијата има членови на неговото тесно семејство“,
вели Салиу.
Фуркан Салиу – новинар
За сите детали, Реџепи порача дека е подготвен да одговара во телевизиски интервјуа, од кои првото е во нашата емисија.