Влез во објекти ќе им биде дозволен и на граѓани кои ќе приложат потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена
Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија, во интервју за РСЕ, вели дека ги оправдува сите мерки кои ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази тоа е најјасниот излез од кризата.
Почнувајќи од утре, 15 ноември, граѓаните за влез во објекти ќе мора да приложат сертификат/потврда за имунизација од вирусот ковид-19, односно за примени две дози на вакцината или, пак, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, информира Министерство за здравтство .
Од Министерството за здравство апелираат да се почитуваат мерките и ги повикуваат граѓаните кои се уште не се целосно вакцинирани, што побрзо да го направат тоа.
Како што се соопштува, ваквата одлука донела Владата на седницата одржана на 26 октомври.
„До 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина или – сертификат/потврда за прележанковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето“
стои во одлуката на Владата.
Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија, во интервју за Радио слободна Европа, вели дека рестриктивните мерки даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал.
„Јас ги оправдувам сите вакви мерки, кои ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата. Сигурно дека опуштањето има влијание на зголемувањето на бројките, а уште повеќе имаат влијание условите надвор, во зимски услови кога повеќе време поминуваме на затворено, е очекувано и сите практично очекувавме зголемување на бројките. Но да, имавме значително опуштање, бидејќи кон крајот на летото имавме одлична ситуација. Исто така, и вакцинацијата не ја завршивме така како што би требало да ја завршиме, така што оставен е голем простор на вирусот и тој тоа го користи овие денови“,
вели Петличковски.