Активни се 8 415 случаи на коронавирус во државава од кои најголем број 3 797 се во Скопје. Во Битола има 635 активни случаи, во Прилеп 401, во Куманово 379, во Кавадарци 363, во Велес 358, во Штип 264…
Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, при направени 3.296 тестирања регистрирани се нови 469 случаи со ковид-19. Починале 13, а 375 пациенти оздравеле.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки. Тој смета дека постојните мерки се сосема доволни, со тоа што треба да се почитуваат, рече Филипче.
Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.
„Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни“,
изјави Филипче.
Мерките, посочи Филипче, се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.
„Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши“,
рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.
Филипче, исто така, посочи дека е намален процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.
„Вирусот е многу непредвидлив и да има нов сој, тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики. Затоа, за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Апсолутно ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме“,
кажа Филипче.
Граѓаните, нагласи, мора да знаат дека со својата свест, совест и одговорност многу придонесуваат, прво за сопственото здравје, а потоа и на здравствениот систем.
„Знаете, сега е преоптоварен здравствениот систем, во делот на ковид центрите, од невакцинирни пациенти. Вакцинираните пациенти, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптоварени болниците, како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и Грција. Апелирам граѓаните да се вакцинираат, има доволно вакцини, пунктовите работат. Тоа е излезот од кризата“,
рече Филипче.
Вакцинацијата за сезонски грип и за ковид, без разлика дали е прва, ревакцина или е трета доза може да биде и истовремено, појасни Филипче и додаде дека ако, пак, има временска разлика, нема никаква врска колку е временската дистанца.