Нашите поддржувачи од Холандија се истакнати пријатели на демократијата и владеењето на правото и строгиот пристап кон проширувањето како процес заснован на заслуги. Затоа, посетата на премиерот Руте праќа силна порака за напредокот во тој правец, порача Димитров
Премиерот на Холандија Марк Руте попладнево пристигна во прва посета на Северна Македонија. Тој беше пречекан пред Владата од страна на премиерот Зоран Заев, а во моментов во тек е и нивната средба.
Претходно, на скопскиот аеродром, Руте беше пречекан од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Посетата, како што информира Секретаријатот за европски прашања, се одвива во духот на добрите билатерални односи меѓу Холандија и Северна Македонија, но и во контекст на заложбата од холандска страна за безусловен почеток на пристапните преговори со Европската Унија што е афирмирана и на Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Брдо, Словенија.
Димитров посетата ја оцени како силна порака за напредокот во процесот на евроинтеграцијата.
„Огромна чест ми е денес да му посакам добредојде во Северна Македонија на премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте. Нашите поддржувачи од Холандија се истакнати пријатели на демократијата и владеењето на правото и строгиот пристап кон проширувањето како процес заснован на заслуги. Затоа, посетата на премиерот Руте праќа силна порака за напредокот во тој правец“,
рече Димитров.