„360 степени“ се обрати до кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери за потврда на овие информации и објаснување дали повлекувањето на потписи е деловнички возможно. До овој момент нема одговор
Наместо со нова иницијатива, опозицијата ќе ја урива Владата со иницијативата што беше поднесена во понеделникот.
Меѓутоа, наместо со потписи од 61 пратеник, на неа ќе има 20-тина помалку.
„Од технички и тактички причини одредени пратеници ги повлекоа потписите на иницијативата за доверба на Владата, вклучително и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Целта на овој потег е Владата утре да падне. И таа ќе падне“,
брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„360 степени“ се обрати до кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери за потврда на овие информации и објаснување дали повлекувањето на потписи е деловнички возможно. До овој момент нема одговор.
Повлекувањето на потписи следува откако пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, рече дека не се согласува неговиот потпис да стои заедно со тие на пратениците од Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти партијата, а може ќе поднесе и оставка од пратеничката функција ако неговата партија одлучи со Левица да ја урива владата.
По ова, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, го повика Реџепи-Зејд да поднесат нова иницијатива со потписи од 20 пратеници, на што пратеникот се согласни. Меѓутоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека веќе е закажаната седница за доверба на Владата за утре (четврток) и дека ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Владата, нема правна можност во наредните 90 дена да се поднесуваат нови барања.