Муцунски вели дека доколку МВР си ја вршело работата немало да дојде до таква ситуација и ја повика Јанчева следен пат, освен него, на Фејсбук да го означи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, го осуди оштетувањето на автомобилот на претседателката на Општинската организација на СДСМ во оваа општина, Љубица Јанчева, но го прозва и Министерството за внатрешни работи, кое според него не се грижи за безбедноста на граѓаните во оваа скопска општина.

„Секој таков чин на вандализам го осудувам. Тоа не смее да се случува, но госпоѓата Јанчева отвори една суштинска тема, а тоа е состојбата поврзана со безбедноста во Аеродром односно непостапувањето и незаинтересираноста на МВР да се грижи за безбедноста на граѓаните. Јас во две недели како градоначалник имам испратено два пати допис до МВР токму на оваа тема. Знаете што имам како одговор? Молк, ништо“,
рече Муцунски.
Тој вели дека доколку МВР си ја вршело работата немало да дојде до таква ситуација и ја повика Јанчева следен пат, освен него, на Фејсбук да го означи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Јас бев тагиран од госпоѓа Јанчева на Фејсбук, добро е следниот пат при ваква ситуација да се тагира министерот за внатрешни работи и Министерство кои имаат надлежност и кон кои сега и јас како градоначалник повторно апелирам да си ја вршат работата професионално. Иако е тоа влада во заминување, сепак има обврска да ги почитува законите и да постапува во рамки на своите надлежности“,
рече Муцунски.
Како пример за негрижата на МВР, тој го посочи и тоа што барал од командирот на полициската станица заедно да излезат на локација во Горно Лисиче каде што под ризик од сообраќајот се деца, за да направат увид и да побара поголема проактивност од полицијата, но командирот, рече Муцунски, не сакал да излезе со него на терен.