Ова истовремено ги покажува очајот, немоќта и фрустрациите на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, рече претседателката на Општинската организација на СДСМ во Аеродром и сè уште актуелна претседателка на Советот на Град Скопје
Претседателката на Општинската организација на СДСМ во Аеродром, Љубица Јанчева, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за оштетувањето на нејзиниот автомобил кој утрово таа го пронајде „запечатен“ со пур-пена.

Јанчева сè уште е и актуелна претседателка на Советот на Град Скопје, функција на која беше избрана по локалните избори во 2017 година, а од која ќе замине откако ќе се одржи конститутивната седница на новиот совет.
За нејзиниот автомобил, таа вели дека пријавила и во полиција, а во изјавата за медиумите оштетувањето го нарече режимски метод кој се вратил во Аеродром откако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт во оваа скопска општина.

„Случајот е пријавен во полиција и очекувам брзо откривање на сторителите на овој подмолен напад врз мене и мојот имот. Ова, почитувани, е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија која не е поместена од режимската матрица на насилство, закани и притисоци. Нема таму никаква промена, ова се истите методи од најцрното време на режимот. Но ова истовремено ги покажува очајот, немоќта и фрустрациите на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски. Ваквото насилничко однесување нема да помине. Нема да ме уплашат ниту мене ниту кој било што е на страната на демократските вредности, на страната на прогресивните сили. Времето на закани, насилство и притисоци врз политички неистомисленици заврши со падот на режимот и тоа време нема да се врати“,
порача Јанчева на прес-конференција која ја одржа на паркингот каде што беше оштетен нејзиниот автомобил.
Таа претходно објави и фотографија на социјалните мрежи и го прозва новиот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, порачувајќи му дека безбедноста на граѓаните од другата политичка опција е загрозена.