Пратеникот од Алијанса, Скендер Реџепи-Зејд, денеска најави дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива за гласање недоверба на Владата и смета дека изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, дека тоа не е можно во наредните 90 дена, е политичка, а не правно издржана.
„Џафери може да дава политички изјави, но таа не е правно издржана. Неговата изјава правнички ќе се толкува. Во партијата наскоро пратениците на Алтернатива ќе ги стават потписите на новата иницијатива за гласање на недоверба на Владата и потоа во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доставиме до пратеничките групи“,
изјави Реџепи за „Слободен печат“.
Претседателот на Собранието, пак, вчера во гостување на ТВ 21 изјави дека веќе е закажаната седница за доверба на Владата и дека ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Владата нема правна можност во наредните 90 дена да се поднесуваат нови барања.
Најавата за нова иницијатива за гласање недоверба на Владата следува откако по првото барање со 61 потпис, Реџепи-Зејд рече дека нема да дозволи неговиот потпис да биде заедно со тие од пратениците на Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, а може и ќе си даде оставка доколку неговата партија соработува со Левица за да ја урне Владата. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ понудија да поднесат нова иницијатива со 20 потписи, на што тој се согласи.